Време е за распаметување

Ако до пред некое време нè учеа дека најскапо нешто на светот е времето, тоа денес веќе не важи. Најскапото нешто денес е: КРЕАТИВНОСТА. А таа, како некој нежен егзотичен цвет – тешко се доаѓа до неа, скапа е оти е ретка, ѝ треба добра (компаниска!) почва, бара деликатна нега, воздух прочистен од стрес, алкохолно наводнување… и само и само ако направите сè како што треба, ќе процути!

Белешките за импакт #2 се од книгата „Распаметен: петнаесет размислувања за креативноста, умот и бизнисот“ од Дејв Бирс. Како креативец и маркетер од Лондон, Бирс си поигрува со „големите вистини“ поврзани со маркетингот и креативноста. На креативен начин разобличува многу од работите што се земаат здраво за готово и ве тера да ги ангажирате подзспаните синапси за да се согласите со него и, уште повеќе, за да му се спротиставите. Со други зборови, ве распаметува. Со уште подруги зборови, ве раскреативува.

Е, па, на здравје креативен буст!

ЗА КРЕАТИВНОСТА:

• Креативноста не се мери на час.
• При креативно мислење, алкохолот ве отвора кон повеќе можности и спречува да се заглавите во ментални ќор-сокаци.
• Корпорациите – кога веќе сте внатре, изложени сте на корпоративната култура и процесите што ја обесхрабруваат вашата индивидуалност и од вас прават човек од компанијата. Повеќе станува збор за „направи го ова вака и покажи ни што си сработил“ отколку „еј, не сум видел дека може и вака да се сработи. Браво!“.
• Светот им припаѓа на оние што знаат како да поставуваат прашања, а не на оние што мислат дека ги имаат одговорите.
• Повторувањето на митот дека креативната способност се наоѓа кај ретките може да предизвика мрзливост кај оние што мислат дека се надарени и отпор кај оние што мислат дека не се.
• Креативноста не е вештина. Креативноста е процес што вклучува голем број различни вештини во различни услови.
• Дел што креативците не сакаат да го слушнат: не секое решение бара креативност. Понекогаш, всушност, најдоброто решение подразбира да се направи нешто што веќе е направено од ваша страна или од некој друг.
• Наместо да се опседнуваме со креативноста, предлагам да се фокусираме на „применето размислување“. Умното размислување е одличен начин да се стекне предност во однос на конкуренцијата. А она што го нарекуваме „креативно размислување“ е само еден негов облик.
• Во фирмите, штитењето на сопствениот задник станува поважно од оригиналното мислење. Ова води кон конформизам и го задушува мислењето.
• Малкумина сметаат дека играта е дел од работното место. Играта е интензивно значајна состојба што помага да се излезе од ограничувачките претпоставки и од стравовите што го спречуваат свежото мислење.

ЗА СОПСТВЕНИЦИТЕ НА ФИРМИ:

• Не мислам дека некој разумен бизнисмен, всушност, сака креативност.
• Ако средината не е плодна и не нуди поддршка, вистински талентираните луѓе не остануваат.
• Најспособните, највизионерите, секогаш се отворени за нови можности. Тие сакаат предизвици, Можностите ги возбудуваат. Тие уживаат во чувството да се постигне нешто ново. Ако не го добијат тоа чувство од својата работа, одат на друго место.
• Што ги мотивира најталентираните луѓе? Тоа не се парите (иако финансиската злоупотреба сигурно ќе ги мотивира да си заминат). Поверојатно е дека тоа е задоволството од тоа што се дел од нешто, што постигнуваат нешта и што добиваат признание за својата работа.
• Нема подобар начин да се покаже почит освен преку доверба во своите вработени.

ЗА СТРЕСОТ

• Зголемената употреба на технологијата во минатата генерација го има зголемено нашиот обем на работа, а не намалено, како што се ветувало. Денес работното место е главна причина за стрес, анксиозност и депресија.
• Кога луѓето се под стрес, тие го ограничуваат своето мислење на тоа што е докажано и предвидливо. Повисоките нивоа на стрес придонесуваат за ниски нивоа на креативност.

ЗА БРЕЈНСТОРМИНГОТ

• Научно е докажано дека брејнстормингот не функционира.
• Колку и да се водат брејнстормите со предуслов дека учесниците нема да се осудуваат, сите знаат дека тоа и не е така. А стравот е најголемиот убиец на креативноста.
• Најголемата придобивка што може да ја добијат фирмите што прават брејнсторми е привремено да го зајакнат моралот на вработените.

ЗА МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ

• Луѓето имаат тенденција автоматски да ги сместуваат прашањата за менталното здравје во негативен контекст.
• Проблемите со менталното здравје можат да доведат до чувства на изолација и недоразбирање кај луѓето.
• Има значително повеќе луѓе што имаат проблем со своите мисли отколку што можете да замислите. Со зборувањето на овие теми не само што си помагате себеси, туку им помагате и на другите луѓе.
• Очигледно е дека проблемите со менталното здравје не мора да ве влечат наназад. Всушност, за голем дел од луѓето тоа е она што ги влече нанапред.

За крај, една супер мисла од книгата:

„Кога креативноста е под нож, обично умира“.


Ако сакате да ја набавите, книгата се продава ТУКА.