Да возвратиме со ИДЕЈАвирус

Пурпурна крава. Сигурно имаш некој колега чиј поранешен колега му кажувал за неа. А тој, ем нешто фатил нешто заборавил, ем како навиен знае да ти мудрува за оваа прочуена теорија во маркетингот која од него секојпат ти звучи како излезена од расипан телефон. Е, па, време е од прва рака да дознаеш сè што отсекогаш си сакал да знаеш, а никогаш не ти текнувало да пребараш по нет за: ПУРПУРНАТА КРАВА.

Ова се нашите Белешки за импакт #3 и се излезени од книгата „Пурпурна крава“ на Сет Годин, за првпат објавена во 2003 година.

За фазата во која е стигнат маркетингот денес:

• Маркетерите ги презаситија потрошувачите со премногу од сè.
• Стигнати сме до точка кога не можеме повеќе да се рекламираме директно до масите. Создадовме свет каде што повеќето производи се невидливи.
• Старото правило беше: СОЗДАВАЈ СИГУРНИ, ОБИЧНИ ПРОИЗВОДИ И КОМБИНИРАЈ ГИ СО ДОБАР МАРКЕТИНГ. Новото правило е: СОЗДАВАЈ ИЗВОНРЕДНИ ПРОИЗВОДИ ШТО ГИ БАРААТ ВИСТИНСКИТЕ ЛУЃЕ.
• Денешната реалност: повеќето луѓе не можат да го купат твојот производ. Немаат пари, немаат време или не сакаат.
• Престанете да рекламирате и почнете да иновирате.

За Пурпурната крава или за најновото П во маркетингот:

• Замислете дека се возите километри и километри покрај преубави ливади и гледате прекрасни крави што си пасат. Возите, ги гледате и се топите од глетката. И така некое време, додека не одминете стотици крави и додека вашиот мозок не си рече: крава како крава, подосадно здравје и не ви го сврти вниманието кон нешто друго. А сега, замислете си да се појави пурпурна крава. Е тоа би било интересно. Барем некое време.
• Денес, сите П во маркетингот едноставно не се доволни. Новото П е за „Пурпурната крава“, односно за извонредниот маркетинг.
• Извонредниот маркетинг е уметност во вашиот производ или услуга да вградите работи што се вредни да бидат забележани.
• Пурпурната крава не е евтина, но вреди. Инвестирањето во неа секако е попаметно од купување реклама за време на „Супер боул“.
• Оние кои ја применуваат Пурпурната крава изгледа како да мамат, затоа што не играат според правилата.
• Проблемот со Кравата во суштина е проблем со стравот.
• Не постои недостаток на извонредни идеи. Вашиот бизнис има многу можности за врвни работи. Не, не недостасуваат идеи. Туку волја тие да се реализираат. А ако имате волја, ќе најдете начин.

За ИДЕЈАвирусот на Пурпурната крава:

• Брендот (или производот што се нуди) не е ништо повеќе од идеја. А идеите кои се шират веројатно ќе бидат поуспешни од оние кои не се шират. Идеите кои се шират ги викам идејавируси.
• Кивачи се оние кои ги исфрлаат и ги одржуваат идејавирусите. Иноваторите или раните прифаќачи можеби се првите што ќе го купат вашиот производ, но ако не се и кивачи, нема да ја рашират вашата идеја.
• Секој пазар има кивачи. Клучно е да ги најдете и да ги заведете.
• Денешниот маркетинг не се состои во тоа да се направи еден готов производ привлечен или интересен, убав или забавен – тој е дизајнирање на работите да бидат заразни во својата суштина.

За кравата и критиката:

• Пурпурната крава е многу ретка затоа што луѓето се плашат.
• Ако сте извонредни, веројатно на некои луѓе нема да им се допаднете. Тоа е дел од дефиницијата за извонредно. Критиката е насочена кон оние кои се издвојуваат.
• На пренатрупан пазар, неиздвојувањето е неуспех, невидливост. Да се оди на сигурно е ризично.
• Честопати реагираме на нашата одбивност кон критицизмот криејќи се, избегнувајќи го негативниот фидбек и со тоа (иронично) си го гарантираме неуспехот!
• Вие не сте исто што и вашиот проект. Критиките кон проектот не се критики кон вас. Фактот дека мораме да се потсетуваме на ова укажува колку сме неподготвени за ерата на Пурпурната крава. Луѓето кои имаат проекти кои никогаш не биле критикувани, се оние кои на крај не успеваат.
• Не можеш да знаеш дали твојата Пурпурна крава гарантирано ќе функционира. Не можеш да знаеш дали е доволно извонредна или премногу ризична. Тоа е поентата. Токму непредвидливоста на исходот ја прави да функционира.
• Бидејќи многу малку луѓе се обидуваат да дојдат до Пурпурната крава, наградата за тоа да се биде извонреден продолжува да расте!

Што кога ќе родите Пурпурна крава?

• Откако сте успеале да направите нешто навистина извонредно, предизвикот е паралелно:
– да ја молзите кравата додека можете и
– да создадете окружување во кое со голема веројатност ќе може да се осмисли нова Пурпурна крава кога ефектите од првата ќе почнат да слабеат.
• Постои ли непогрешлив начин да создадете Пурпурна крава секојпат кога ќе посакате? Има ли тајна формула, ритуал, инкантација што можете да ја користите за да ја зголемите креативноста секојпат кога ќе застанете на цврста почва? Се разбира дека не.


Книгата е издадена на македонски, ама за жал е распродадена.


БОНУС: Сакате да ја видите теоријата за Пурпурната крава тестирана на филм? Повелете: Branded (2012)